Без нови инвестиции, електроенергетскиот систем под голем ризик
- Симона Ефремова
- Jun 26, 2024
- 2 min read
Дали неодамнешниот испад на електроенергетската мрежа во Црна Гора, Босна и Херцеговина и делови од Хрватска, поттикна нови протоколи за заштита и барања за нови инвестиции во електроенергетскиот систем кај нас?

На 21 јуни 2024 година се случи голема хаварија, која повеќе часа ги остави без електрична енергија земјите од регионот и на некој начин ги изненади операторите на електроенергетските системи во регионот. Според првичните информации од страна на одговорните лица на операторот на електропреносниот систем во Црна Гора, причината била пожар на 400 киловолтен вод кој се наоѓа на непристапен терен блиску до границата на Црна Гора со Босна и Херцеговина.
Последици од ваквиот инцидент од широки размери би се почувствувале и врз македонскиот електроенергетски систем, доколку не беа преземени сите потребни мерки за да се избегне овој непосакуван домино ефект (постепено испаѓање на националните електроенергетски системи), како што тврди претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски.
„Денешната главна вест во регинот за тоа дека речиси цела Црна Гора и Босна и Херцеговина и дел од Хрватска се останати без струја е само потврда дека инвестициите во енергетиката мора да бидат број еден приоритет. МЕПСО ги има активирано сите механизим за домино ефектот да не се почувстува и кај нас. Не така далеку беше кога земјава, регионот се соочи со „блек аут“ (колапс на електричната мрежата). Во комуникација сме со преносните систем оператори, како и со регулаторните тела на земјите кои се засегнати од оваа состојба. Енергетиката е испреплетена како крвните садови во човековото тело. Ќе повторам: инвестиции, инвестиции и само инвестиции се неопходни”
– изјави Марко Бислимоски, Претседател на РКЕ
Секако, клучна улога играат и системите за складирање на електричната енергија, со овозможување на операторите на електропреносниот систем да го складираат вишокот на електрична енергија произведена во периоди со ниска побарувачка. За време на периодите на врвната побарувачка се намалува оптоварувањето на мрежата и се постигнува потенцијално избегнување на потребата од скапи надградби на преносната инфраструктура и балансирање на конекцијата помеѓу побарувачката и потрошувачката. Така претстојните закони за енергетика во Македонија ќе воведат складирање на енергија со батерии, заедно со статистички трансфери со други земји, енергетски заедници и гаранции за потекло.
Дополнително, треба да се истакне фактот дека одобрените инвестиции од страна на Регулаторната комисија за енергетика за МЕПСО за периодот од 2021 година до 2023 година беа:
Година | 2021 | 2022 | 2023 |
Сума (EUR) | 32.327.276 | 20.299.410 | 7.069.246 |
Г-динот Бислимоски во емисијата “360 степени”, меѓу другото кажа дека со сè поголемиот инсталиран капацитет на обновливи извори на енергија, кај нас и во регионот, инвестициите во стабилни производни капацитети и во електроенергетската мрежа се неопходни за сигурно и безбедно снабдување. Доколку тоа не се случи, вакви инциденти се можни и кај нас, но и во Европа во иднина.
Comments