top of page

Бислимоски предлага увоз на јаглен од Азија наместо од соседството за потребите на РЕК Битола


Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски советува дека, наместо увоз на јаглен од Грција, Албанија и Косово како до сега, за РЕК Битола да се набавува јаглен од азиските земји, бидејќи овој јаглен е висококалоричен. Согласно со тоа, треба да се стави акцент на анализирање и тестирање на влијанието врз производството на струја и трошоците.



Интервју на претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски во емисијата "360 степени"

Причините за трендот на намалување на производството во термоелектраните се многубројните дефекти и прекини во работата на РЕК Битола, намалување на ископаните количества и на квалитетот на јагленот во РЕК Битола, приближување кон крајот на животниот век на термоелектраните и несоодветните инвестиции, како и намалување на ефикасноста во работењето. Во 2020 година АД ЕСМ се соочи и со поплава во рудниците во РЕК Битола, којашто доведе до подолготраен прекин на производството. Термоелектраната „Осломеј“ во последните 3 години има многу мало производство на електрична енергија, пред сè поради тоа што целокупните резерви на јаглен во РЕК „Осломеј“ се веќе искористени. Па со цел да се реши овој недостаток на јаглен, се разгледува можноста за увоз на поквалитетен јаглен од другите земји.


Г-динот Бислимоски, исто така посочи и дека доколку би се остварила можноста за промената на локацијата за увоз на јаглен, најбрзо решение за транспорт би било од пристаништето во Солун до Битола. Како одговор на прашањето во врска со мерките преземени за зелена транзиција, која води до промена кон економски одржлив раст и економија без фосилни горива и прекумерна потрошувачка на природните ресурси, како и реформската агенда за Планот за раст на ЕУ, кој можеби ги опфаќа и роковите за затворање на РЕК Битола, Бислимоски потенцира дека треба да бидат позастапени барањата за продолжување на преодните рокови.


„Вкупниот инсталиран капацитет на РЕК Битола е околу 700 мегавати, со сите три блока. Сега секој блок ни дава 150-160 мегавати максимално, поради квалитетот на јагленот и сето тоа. Значи, ние реално на мрежа испорачуваме енергија како да имаме два блока, иако трите работат. Е сега кога ќе разговараме со Европската комисија треба да им објасниме дека ние еден блок како да немаме. Втора работа со која ќе се соочиме е трошокот за CO2-емисии. Значи, за CO2-емисии за термоелектраните треба да се плаќаат по 70-80 евра за мегават-час. Ако производната цена на ЕСМ сега е 90 евра за мегават-час, на тоа треба да се додадат уште 70 или 80 евра. Тоа е енормно зголемување и ние треба да се фокусираме тој трошок колку што може повеќе да ни го одложат“

-вели Бислимоски


Дополнително, кога станува збор за производство на електрична енергија од термоелектраните, квалитетот на јагленот игра клучна улога и во придобивките и во предизвиците со кои се соочуваат постројките. Балансирањето на придобивките и предизвиците, како повисоките трошоци и технолошката адаптација, е од клучно значење за оптимизирање на перформансите и одржливоста на термоелектраните во државата и за животната средина. Според Бислимоски, екстра-давачката треба да се плаќа почнувајќи од 1 јануари 2026 година, во спротивно ќе се воведе посебен данок на извозот од Македонија бидејќи производите трошат електрична енергија и не се земаат предвид трошоците за емисија на CO2.



Информации за оваа вест преземени од: линк


Comments


bottom of page