top of page

Младите од Пелагонија промовираа иновативни решенија за новата енергетска визија за Битола


На манифестацијата „Нова енергетска визија за Битола“, која се одржа на 10.06.2024 година на платото пред Офицерскиот дом, младите од Битола и Пелагонискиот регион поттикнаа нови идеи и решенија за намалување на потрошувачката на енергија и зголемување на енергетската ефикасност. Марија Мерковска-Крушаревска од Младинскиот културен центар од Битола рече дека настанот „Нова енергетска визија за Битола“ што го организираа во партнерство со организацијата „Еко свест“ од Скопје има за цел да промовира нови иновативни методи за најгорливиот проблем загадувањето на Битола и заштитата на животната средина.




“На Саемот за технички изработки што го организиравме во партнерство со Средното техничко училиште „Ѓорѓи Наумов“ учениците ни се претставија со повеќе од десет изработки што ја симболизираат енергетската визија за Битола. Беа изложени и технички илустрации на учениците кои се одѕваа на Повикот за млади од 15 до 35 години, но, интерес покажаа и учениците заедно со нивните ментори од основните училишта. Беше претставена и симулација на кафе бар „Визија кафе“ во склоп на проектот „Битола без јаглен“, бидејќи на сите им е познато битолското кафе на Широк Сокак точно на пладне. Целта ни е да ги поттикнеме младите да излезат во јавноста со нивните креативни размислувања, ако имаме предвид дека вештачката интелигенција зема замав, да направат макети и да ја претстават нивната визија како треба Битола да изгледа во наредните 10-20 години” 

-изјави Крушаревска


Раководителот на програмата за енергетика при Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко свест“ од Скопје, Жарко Конески, истакна дека МКЦ Битола и други групи работат на Програмата за праведна транзиција во соработка со локалната самоуправа.


“Во неа ќе бидат вклучени сите заинтересирани граѓани, институции и организации, кои ќе бидат дел од овој долгорочен процес кој ќе значи преобразба и понатамошен развој на Битола без јаглен со користење на иновативни и вистински решенија во енергетскиот и праведен развој на градот. Младите кои се нашите идни инженери треба да научат да се информираат и да ги кажат нивните решенија, иновативни креации и размислувања за тоа како ја гледаат визијата за Битола со нови иновативни решенија за подобрување на животот на сите преку алтернативни начини за користење на енергија”

-изјави Конески



Ученикот Димитар Србиновски од Средното техничко училиште „Ѓорѓи Наумов“ заедно со неговите соученици и ментори промовираше два проекти за енергетска ефикасност.


“Во едниот проект што е повеќе за домаќинствата имаме вентилатор што работи со помош на температурен сензор кој преку загревање почнува да врти побрзо а со самото ладење тој ја успорува брзината или целосно застанува. Во другиот проект ја промовиравме макетата од нашата визија за „паметен град“ поточно на улични светла кои се активираат преку сензор кој работи на светлина, а кога тој ќе биде во темно тие ќе се запалат”

- изјави Србиновски



Жарко Конески и Марија Марковска Крушаровска



Младинскиот културен центар Битола и Центарот „Еко-свест“ соработуваат на проектот „Битола без јаглен“, кој има за цел да го зголеми знаењето на јавноста за негативните ефекти од користењето фосилни горива за напојување на термоелектраните, особено во битолскиот регион.



Преземено од: Линк




Comentarios


bottom of page