top of page

Програма за стипендии на MEF за жени во енергетика, овозможена од YEO Technology

Updated: Jun 15, 2024


Додека светот се бори со предизвиците на одржливоста и енергетската транзиција, придонесот на жените е од клучно значење. Во последниве години, заедничките напори за промовирање на родовата разновидност и инклузивност почнаа да ја преобликуваат индустријата. Едно значајно влијание на жените во енергетскиот сектор е нивната улога во поттикнувањето на иновациите.


Мухамед Топал на МЕФ 2024



Затоа на Македонскиот енергетски форум 2024 беше претставена новата иницијатива, стипендијата MEF 2024 Жени во Енергетика поддржана од енергетската компанија YEO Technology, кои го центрираат својот бизнис околу иновативна структура, користејќи ја својата експертиза и способности за да создадат ефективни решенија. Овие решенија имаат за цел да ги намалат емисиите на јаглерод во Турција и разни други земји, вклучително и нашата, а истовремено да ја подобрат инфраструктурата и индустриите преку дигитализација за одржливо снабдување со енергија. Иницијативата беше презентирана од страна на Ивана Симјаноска, координатор на проектот во ЗИП институтот и Мухамед Топал, менаџер на YEO Technology за Македонија и Балканот.


Оваа стипендија има за цел да ги поддржи талентираните жени кои сакаат да изградат кариера во енергетскиот сектор.


“Нашето присуство и ангажман во овие држави покажува дека сме многу посветени на развојот и одржливоста на енергетскиот сектор на глобално ниво. Покрај инвестициите во енергетиката YEO Technology инвестира и во човечкиот капитал, односно овозможува стипендии за жени инженери со цел нивна поголема вклученост во енергетиката. Од тука сакам да испратам посебна порака до сите македонски студентки, кои студираат на техничките факултети во Македонија, ве охрабрувам да аплицирате на повикот за стипендија, што го нудиме како YEO и MEF. YEO Technology активно го поддржува женскиот пол во енергетиката и веруваме дека е многу важно да се охрабрат и поддржат жените, да се вклучат и да придонесат во овој сектор.” - изјави Мухамед Топал


Како што беше истакнато во понатамошното обраќање на Ивана Симјаноска, минатата година беше одржан првиот панел посветен на жените и енергетската транзиција, но оваа година се оди еден чекор напред со поддршката на следните генерации жени лидери во енергетскиот сектор. Износот на стипендијата изнесува илјада евра, при што квалификуваните кандидатки мора да исполнат неколку услови. Тие мора да бидат женски државјани на Македонија, мора да бидат запишани на редовни студии на еден од државните универзитети во земјава, каде нивното поле на студии мора да биде во техничките науки (инженерството, наука за животна средина, обновлива енергија). Понатаму тие мора да бидат во нивната втора година на студии или повисока, вклучувајќи ги и вториот и третиот циклус на студии.


Во однос на барањата кои се потребни од апликантите тие треба да достават изјава (500 до 700 зборови) во која ќе дадат образложение за нивниот избор на техничките науки, нивните аспирации за кариера во енергетскиот сектор и како самата стипендија ќе им помогне да ги постигнат нивните цели.  Покрај тоа тие треба да обезбедат и официјални академски записници, писмо препорака од професор или академски советник и официјален доказ за запишување од нивниот универзитет.


Кај кандидатките ќе се внимава на академската извонредност, докажаната посветеност на енергетскиот сектор, лидерскиот потенцијал и силната релевантна препорака. Крајниот рок за аплицирање е 30 август 2024 година, а комплетните пријави треба да бидат испратени преку е-пошта на info@mef.mk со наслов “Апликација за стипендија за жени во енергетика MEF 2024 - (Име и презиме)”.


“Со нетрпение очекуваме апликации од талентирани и амбициозни студентки. Да продолжиме да работиме заедно кон инклузивна и иновативна енергетска иднина”  -изјави Ивана Симјаноска со што го затвори ова обраќање




Comentarios


bottom of page