top of page

Се одржаа Втори Денови на Електроинженери во Битола


На 14 и 15 јуни 2024 година, во НУ Центар за култура во Битола се одржаа Вторите денови на електроинженери, организирани од одделението на електроинженери при Комората за овластени архитекти и инженери.


Свечено отворање на настанот од страна на м-р Кристинка Чулак


Свеченото отворање на дводневниот настан од областа на електротехниката, беше обележано со говори од Претседателката на КОАИ, м-р Кристинка Чулак, Ректорот на УКЛО, проф. д-р Игор Неделковски, Деканот на ТФБ, проф. д-р Митко Костов, Младен Терзиќ од Струковата Комора на електроинженери на Црна Гора, Грго Жапер од Хрватската комора на инженери од електротехника, Раководителот на одделението за електротехника при КОАИ, Владе Гроздановски, и Градоначалникот на Општина Битола, д-р Тони Коњановски, кој го прогласи настанот за отворен.


На настанот присуствуваа околу 180 инженери и соработници на Одделението на електроинженери. Поддржувачи беа: ЕЛЕМ, ЕВН, Електро Ексклузив, Мак Каб, Раде Кончар ТЕП, Schneider, ELSIS и OBO Betterman.


Првата презентација ја одржа златниот спонзор Legrand со тема: „Електрични возила и системи за непрекинато напојување“. Потоа се одржа тркалезна маса со Јане Јаневски од ЕВН Електродистрибуција ДООЕЛ, на тема „Мрежни правила за дистрибуција на електрична енергија и приближување кон ЕУ регулатива“. Оваа тема предизвика голем интерес кај присутните, каде што беше објаснета дигитализацијата на процесот на нови приклучоци и други измени на мрежните правила.


Вториот ден започна со предавање на м-р Мерита Дема на тема „Енергетска транзиција и регулаторна рамка“, каде што презентацијата ги вклучуваше дискусиите за електроенергетскиот сектор во државата, како и организацијата на пазарот на електрична енергија. Следното предавање на проф. д-р Василија Шарац на тема „Влијание на различни типови на потрошувачи врз електричните мрежи“ вклучуваше дискусии за влијанието на порошувачите и пречките врз квалитетот на електричната енергија. Беше истакнат фактот дека обезбедувањето висококвалитетна електрична енергија е од суштинско значење за одржување на стабилноста, доверливоста и ефикасноста на електричната мрежа, како и за поддршка на потребите и очекувањата на потрошувачите во различни сектори на општеството. Подоцна проф. д-р Драган Миновски зборуваше на тема „Интегрирање на ФВЦ на дистрибутивно ниво за Западен Балкан“. Овде беше објаснет концептот на расположлив капацитет во дистрибутивните мрежи, како и пронценката на потенцијал за поврзување на ниско напонските фотоволтаични системи.


Вториот ден од Вторите денови на електроинженери


Во вториот блок предавања, проф. д-р Методија Атанасовски ја презентираше темата „Активни дистрибутивни мрежи и дистрибуирани ресурси“, а проф. д-р Димитар Димитров зборуваше за „Можности за подигнување на приемниот капацитет на дистрибутивната мрежа“. Исто така предавање одржа Драган Христовски на тема: Енергетски трансформатори - монтажа, испитување и пуштање во работа. Во предавањата беа истакнати дискусиите за дистрибутивните енергетски ресурси, подобрување на преносот на електрична енергија кај една фотоволтаична централа и енергетските трансформатори како еден од клучните елементи кај еден дистрибутивен систем.


Во третиот блок свои предавања имаа претставниците на сребрените спонзори и тоа: за Сенсор, Филип Конески и Теодор Тошев со темата: Паметни решенија со Сенсор и за ЕТИ, Љупчо Јиксимовски и зборуваше на тема: Избор на диференцијална заштита за модерни инсталации. Последното предавање беше од проф. д-р Васко Здравески на тема „Проектирање на систем за електрично осветлување на спортски сали со користење на генетски алгоритам“, каде се истакна дека генетските еволутивни алгоритми нудат моќни алатки за оптимизирање на различни аспекти на електроенергетските системи, од производство и дистрибуција до интеграција на обновлива енергија и проширување на мрежата. Тие овозможуваат поефикасно, доверливо и поекономично функционирање на електричната инфраструктура како одговор на барањата кои се развиваат и размислувањата за животната средина.

Comments


bottom of page